Петар Печков
Објавено: вторник, 04 јуни 2013
Десетина дена велешани не можат да отпатуваат за Скопје во утринските часови. Гужвите од патници на Автобуската станица се така големи што е вистинска среќна комбинација да се најде слободно место за превоз со автобус до Скопје. Нервози, гужви, метеж тоа е сликата која се случува во работните денови а посебно в понеделник. Во овој ден има зголемена фреквенција оти се уште до Скопје патуваат учениците и студентите.
Чекаме до час и половина за да се најде слободно место и отпатуваме на работа во Скопје. И претходно имаше гужви во ударните утрински часови од 6 до 8 часот, но последните денови тие се зголемени. Ова откако на две приватни компании, со кои имавме договор за превоз до работното место им ја земаа дозволата и сега се јави дополнителен прилив на стотина и повеќе патници, кои во краткиот утрински период мора да отпатуваме за главниот град – вели Милан Стојанов, кој како и повеќето револтирани патници работи во Скопје.
Тие изминатата седмица се жалат дека доцнеле на работа, имале проблеми со работодавецот кој некако и преминувал преку ова. Но кога тоа се случувало секојдневно проблемот станал посилен. Нивните процени се дека околу 300 патници наутро се возат со автобус до Скопје а бројот на слободни места е далеку помал, поради што се јавувале и тие гужви. Но не се само тие што мора да стигнат до Скопје. Има случаи на болни или пациенти кои мора да стигната на закажан лекарски преглед во доредено време, кое заради пребукираноста во автобусите се случува да биде промашено а со тоа и прегледот да биде откажан.
Автобусите доаѓаат полни и има само по две или три слободни места. Како сега ќе успееме да стигнеме толку многу велешани д се качиме и отпатуваме,. кога само за нас требат од пет до шест автобуси. Стравуваме да патуваме со сопствен превоз оти се организираме по петмина, но ако не запре инспекција може да не казнат и да толкуваат дека сме диви нелегални таксисти. Не можеме да возиме така – вели Зоран Николов кој секојдневно во работните денови е на релацијата до Скопје и назад.
Гужвата е до 10 часот но ја нема на враќање од Скопје за Велес поради големиот број на автобуски линии . Во работен ден наутро од Велес за Скопје има 13 автобуси кои ни оддалеку не можат да ги примат потенцијалните патници и затоа се јавуваат овие гужви. Дел од поранешните патници со воз, сега поради прифатливата цена се префрлиле да се возат со автобус. Дека има гужви потврдуваат и од велешка Автобуска станица.
Постојните автобуските линии се потврдени од Министерството за транспорт и врски и тоа е можноста и изборот за патување. Се случува последниот период да нема место во шпицот во понеделник наутро и недела попладне. Автобусите се полни, дали доаѓаат од Битола, дали од југ или истокот, иста е состојбата, или нема место или само по едно, две. Патниците се револтирани, има гужва, но ние не можеме ништо да сториме. Имаше до пред некој месец локален автобус Велес – Скопје но беше укинат, по реакциите токму на овие патници – велат од Автобуската станица Велес.
Велешани бараат и надлежните да реагираат оти станувало збор за јавен интерес каде државата има свои инструменти да помогне. Следното доделување на нови автобуски линии е закажано за в октомври. Познавачите на оваа проблематика објаснуваат дека Министерството за транспорт и врски може бргу и едноставно да го реши овој проблем. Потребно билo да се намали интервалот на сообраќајот на автобусите, не само за Велес туку и за Тетово и Куманово. Тие се градови во втора зона која опфаќа далечина од 41 до 80 км и автобусите можат да сообраќаат на 40 минути. Ако се преполовело ова на 20 минути тргнување, проблемот не само за велешани, ќе се решел.
Tweet |